Ballina Македонски (Видео) Филипче: Мерките не се почитуваат, можен е карантин во некои општини...

(Видео) Филипче: Мерките не се почитуваат, можен е карантин во некои општини по примерот на Дебар

„Капацитетот во болниците е пополнет 11 отсто. Оздравени се 92 отсто од заразените здравствени работници. Има 15 града во кои беа регистрирани случаи, а сега веќе нема. По 5 активни случаи има во 6 града. Зголемениот број случаи доаѓаат од познати кластери, но има и нови кластери во некои општини. Загрижува непочитувањето на мерките“, изјави Венко Филипче, министерот за здравство. Министерот вели дека контролите направени во Тетово и Штип покажале непочитување на мерките.

„Во Тетово не се почитуваат самоизолацијата, носењето маски и дистанцата. Во Штип не се почитуваат правилата за транспорт, особено на работничките по текстилните фабрики. Во автобусите се возат вработени од сите фабрики и не се почитува правилото за маски и процентот на пополнетост на автобусите. Имаме 17 заболени во една конфекција и 70 лица во изолација. Епидемиолозите се соочуваат со потешкотии со епидемиолошките анкети, пациентите даваат лажни адреси, лажни податоци“, рече Филипче истакнувајќи ги негативните страни што загрижуваат.

„Има концентрација на случаи во скопските општини Сарај, Чаир, Бутел, Гази Баба и Аеродром. Новодијагностицираните пациенти се заразиле кога имаше строги рестриктивни мерки. Има информации за граѓани што и со решение за самоизолација шетаат надвор. Барам поголема ажурност од страна на МВР за контрола и санкции. Продолжуваме активно да ја следиме состојбата“, рече Филипче.

Тој најави можно воведување таргетирани рестрикции, по општини, согласно со бројот на новодијагностицирани лица. Ако бројот е голем, врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките.

„Будно ја следиме ситуацијата и ако треба ќе воведеме такви мерки. Ги олабавивме рестриктивните мерки со задолжително почитување на дел од мерките. Одговорноста за враќање во нормала сега е кај секој граѓанин на нашата земја. Не можат здравствените работници сами да се справат. Мерките се јасни, не е тешко да се спроведуваат. Занемарувањето на присуството на вирусот е сериозен проблем. Колку побрзо го сфатиме ова, толку побрзо ќе излеземе од кризата и друг механизам нема“, рече Филипче.

Сериозниот број на новодијагностицирани пациенти укажува дека мерките не се почитуваат, рече Филипче и најави дека е можен карантин на општините во кои има зголемување на бројот на нови дијагностицирани доколку наредните денови се покаже дека нема почитување на мерките.
Тоа, според Филипче значи рестрикција на движењето. Евентуалниот карантин на општините ќе биде по примерот на Дебар, односно ќе има ограничување на движењето во рамките на тој регион, но и излегување надвор од регионот.

„Зголемувањето на борјот на новозаболени се должи апсолутно на непочитување на мерките, луѓе се собираат во групи и не носат маски”, изјави Филипче.

Тој додаде дека мерките мора да се почитуваат, бидејќи, како што рече, не може вечно да живееме со затворени граници и побара одговорност и од граѓаните и од надлежните институции кои не го контролираат непочитувањето на мерките.